03/08/2026
Историски успех за Македонија на Светското и Европското првенство во слободнолетечки модели
Минатата недела Македонија беше домаќин на Светското јуниорско првенство и Европското сениорско првенство во слободнолетечки модели (категории F1), на кои настапија натпреварувачи од повеќе од 20 држави од целиот свет.
Ова првенство ќе остане запишано во историјата на македонското воздухопловно моделарство, бидејќи за првпат нашите натпреварувачи освоија два поединечни бронзени медали на едно вакво големо меѓународно натпреварување.
🏆 Леона Чејкова го освои 3. место во категоријата F1A – јуниорки (жени) на Светското јуниорско првенство.
🏆 Лука Најдовски го освои 3. место во категоријата F1A – сениори на Европското првенство.
Овие резултати претставуваат историски успех за Македонија и се доказ за долгогодишната посветеност, напорната работа и талентот на нашите спортисти, тренери и клубови.
Честитки до Леона Чејкова и Лука Најдовски за извонредниот успех и достојното претставување на Македонија на меѓународната сцена. Нивните медали се инспирација за новите генерации воздухопловни моделари и потврда дека со труд, знаење и упорност можат да се достигнат највисоките спортски резултати.
Браво за македонските репрезентативци – испишавте нова страница во историјата на македонското воздухопловно моделарство!