11/07/2026
ЛЕТЕН СНУКЕР КАМП 2026 – ОХРИД
Со завршетокот на првиот дел од снукер сезоната и со почетокот на летниот период од 03-09.07, СФСМ во соработка со домаќинот Гранклуб – Охрид, за прв пат успешно организираше Летен снукер камп за јуниори на возраст од 12 до 18 години. Учесници на кампот беа членови од неколку клубови од Скопје, заедно со младите надежи од градот домаќин – Охрид.
Кампот го водеше тимот од лиценцирани ЕБСА тренери, предводен од претседателот на федерацијата Лазар Лазаревски, заедно со колегите од Охрид, Сашко и Филип Каланоски.
Овој проект, кој е дел од програмата на СФСМ, веќе неколку години беше во подготовка и немаше да биде реализиран без поддршката од раководството на ОЕМУЦ „Св. Наум Охридски“ на чело со Директор Недески, кое минатата година ја поддржа иницијативата за дисперзија на снукерот низ цела Македонија, дозволувајќи поставување на професионална снукер маса во холот на училиштето. Воедно, за време на училишниот распуст ги отвори вратите на училиштето и овозможи фантастични услови за шестдневни интензивни тренинзи од по осум часа дневно, натпревар во снукер вештини и мини турнир.
Посебно радува фактот што меѓу учесниците на кампот беа и Никола Спростран и Андреј Симиџиоски, ученици во ОЕМУЦ „Св. Наум Охридски“, што претставува уште една потврда за успешната соработка помеѓу училиштето и снукер заедницата во Охрид.
Децата, заедно со тренерите, беа сместени во комплексот Десарет во Пештани, на самиот брег на Охридското Езеро. Програмата на кампот успешно опфати и утрински физички тренинзи, растегнување и кондициски вежби прилагодени за снукер играчи, водени од лиценцираниот фитнес и јога тренер Ана Лазаревска.
Индивидуалниот напредок на сите млади снукеристи, интензивните тренинзи, убавините на Охрид и езерото, гостопримството на домаќините од училиштето и локалниот снукер клуб, како и богатата програма која вклучуваше туристичка прошетка низ Охрид, пловење со катамаран по езерото и вечерни дружења со гитарата на Делиниколов, ќе останат во трајно сеќавање на сите учесници од овој прв камп од ваков вид во нашата земја. Сите се надеваат дека ова ќе прерасне во традиција и ќе стане неизоставен дел од создавањето врвни македонски снукер натпреварувачи конкурентни на европската и светската сцена.
По завршувањето на тренажниот дел, организаторот приреди натпреварување меѓу младите снукер играчи, по што беа доделени дипломи и награди. За најнапреден јуниор беше прогласен 12-годишниот Гораст Ивановски, додека победник на мини турнирот во дисциплината „6 црвени топки“ стана Теодор Величковски., кој во финалето го совлада победникот во дисциплината „Снукер вештини“, Иван Л.
Организаторите упатуваат искрена благодарност до Општина Охрид за поддршката на овој значаен спортски проект, како и до Хотел Десарет за гостопримството и одличните услови за сместување, со што значително придонесоа првиот Летен снукер камп во Македонија да биде успешно реализиран.