Добредојдовте на Официјалната Facebook страна на Национална Арена Филип Втори // Welcome to the Official page of National Arena Philip II
Националната арена "Филип Втори Македонски" е повеќенаменски стадион во актуелната форма реконструиран и изграден во периодот од 2008 до 2012 година. Но, дефинитивно пред се изграден со основна намена за фудбалски натпревари "Филип Втори" е едноставно препознатлив како домот на најтрофејниот македонски фудбалски клуб, ФК Вардар.Актуелната арена е со максимален капацитет од 35.400 седишта заокружен
со реконструкцијата на старата Јужна трибина и комплетната изградба на Северната, Западната и Источната трибина. Новото име стадионот го доби со одлука на Владата на Република Македонија од февруари 2009 година која е и носителот на проектот, менувајќи го претходното "Градски стадион Скопје". Националната арена "Филип Втори Македонски" е дом и на фудбалската репрезентација на Македонија, а покрај ФК Вардар на неа настапува уште еден клуб од Скопје, ФК Работнички.
СТАРИОТ "ГРАДСКИ"
Потсетувајќи се на вардаровата историја постарите генерации црвено-црни навивачи не може а да не се потсетат на својот стар "Градски". Историјата кажува дека официјално Градскиот стадион во Скопје е пуштен во употреба во 1947 година во годината кога и следи формирањето на ФК Вардар. За потребите на клубот реконструирана е тогаш бетонската трибина покрај реката Вардар, а комплетното издание го добива името "Стадион на Град Скопје" или "Градски стадион". Изградбата, пак, во денешната форма започнува во 1978 година кога е активирана изградбата на Јужната трибина.
Проектирана е од архитектите на "Бетон", Драган Крстев и Тодорка Мавкова во 1977 година, по што истата е завршена во 1980 година. Јужната трибина му дава нов препознатлив изглед на Градскиот стадион, додека останатите трибини остануваат без корекција се до актуелната комплетна изградба на стадионот. ПО ЦЕЛИ 30 ГОДИНИ СЕ ДОБИВА ФИНАЛНИОТ ЛИК
По долг застој во изградбата од цели 30 години во јануари 2008 година, по претходно усвоен проект на Владата на РМ, рушена е старата Северна трибина и започната изградба на нова трибина со еднаков изглед како и Јужна трибина.
Изградена согласно највисоките стандарди на европските и светски спортски федерации Северната трибина официјално беше пуштена во употреба на "Илинден", 2. август 2009 година. Само десет дена потоа македонската репрезентација во рамките на прославата од 100-годишнината на ФФМ одигра и пријателски натпревар со европскиот шампион Шпанија.На 8 септември 2009 година стартуваше изградбата и на Источната и Западната трибина, а пред крајот на година почна и реконструкцијата на Јужната трибина на стадионот. "Филип Втори Македонски" со својот нов изглед беше пуштен во употреба на 24 април 2011 година со затворена прва фаза од реконструкцијата. Со втората фаза од реконструкцијата, пак, беше целосно изграден нов терен како и нова атлетска патека, па и со новата целина стадионот официјално беше промовиран преку квалификацискиот натпревар од Лигата на шампионите меѓу Вардар и БАТЕ Борисов на 25 јули 2012 година.