07/08/2026
Ја освоија европската младинска сцена, Суперлигата е нивниот билет во сениорскиот ракомет
Лето е. Јули е. Август е. Никако јануари.
А ракометот повторно ја радува Македонија.
Нашите кадети се дел од „А“ првенството во Србија, онаа вистинска, највисока, европска дивизија (за да не настане забуна каде ракометот води битки) и со денешниот триумф над Португалија обезбедија пласман меѓу најдобрите десет кадетски селекции во Европа.
Феноменално.
Честитки за целиот тим 👏🇲🇰
Можеше ли резултатски повеќе?
Секако.
Што ќе беше ако ја „добиевме“ Словенија во првото коло? Онаа Словенија која сега е тргната кон борба за медал. Верувам дека денес Шпанија ќе размислуваше многу повеќе за Македонија пред полуфиналето.
Ќе растеше самодовербата. Атмосферата. Вербата.
Можеби ќе „паднеше“ уште некој. Особено Шведска, која ни се "излизга" низ прсти.
Но, ајде од почеток.
Во оваа генерација 2008/09 се инвестираше многу во последните години. Како никогаш досега.
И требиТ, што би рекле во родната Струга
Од турнири, школски првенства, подготовки...
Предводникот на оваа генерација, Горан Кузмановски - Таста, доби многу од она што го побара. И затоа притисокот беше за нијанса поголем.
Покрај најавите за големиот потенцијал на оваа селекција, предводени од „малиот на Јуле“, храбриот Трајче Дрварчето и несудениот фудбалер од Куманово, кој денес капитенски стои на голот на националниот тим, оваа генерација покажа дека има што да понуди.
Но, да не се лажеме, не се само овие тројца приказната.
Тука е битолчанчето на среден бек, кој лани ја замени "двојката" со Мулти Есенс.
Тука се пивотите.
Тука е "ладниот" Стефан од Струга.
Тука е новиот „ресенски комита“ на десен бек.
И уште неколку момци кои во моментов не ги гледаме "од шумата", ама за година две ќе бидат сериозни играчи.
Нова генерација ракометари чука на вратата на најквалитетната лига на Балканот.
И сега доаѓаме до најважното.
Кој од каде доаѓа и каде продолжува?
Голем дел од овие момци веќе се во системот на најдобрите македонски клубови. Некои се преселија, некои се вратија, некои добија нова средина.
Пролет, како нов прволигаш, на готово собра дузина од овие играчи од Голден Арт КЛ7 и под водство на сега покојниот Ацо Јовиќ давајќи им внимание, ги надгради истите. Меѓу нив и двајца, тројца, перјаници на овој тим.
Од летово дел од нив фатија џаде кон Автокоманда и Бутел.
Вардар, пак, чапна двајца талентирани играчи од Автокоманда и Пролет. Без денар обештетување.
Останатите и онака се веќе во Автокоманда, која со право може да се нарече една од главните бази на младинските репрезентативни селекции.
Колку од овие момци ќе добијат вистинска, сериозна минутажа во Супер лигата?
Ќе видиме.
И токму тоа е следниот тест.
Не само каде ќе бидат регистрирани, туку колку ќе играат.
Не само да бидат дел од ростерот.
Туку да добијат 20, 30, 40 минути во сериозен натпревар.
Да почувствуваат одговорност.
Да згрешат.
Да поправат.
Да растат.
Зашто ако најголемиот комплимент што можеме да им го дадеме на овие момци е дека „ќе бидат во Супер лига“, тогаш не сме завршиле ни половина работа.
Талентот мора да добие минутажа.
А минутажата мора да добие храброст од тренерот и доверба од клубот.
Без разлика како ќе заврши натпреварот за деветтото место, оваа селекција, имајќи ја предвид страшната група која ја доби, покажа индивидуален потенцијал и тимски дух.
Покажа и доза нестабилност, ако бидеме реални.
Но, и тоа е нормално.
Краток ростер. Висок ритам. Квалитетни европски дуели. И генерација која допрва треба да учи како се игра на ова ниво.
Нејсе.
Ракометот повторно ја радува Македонија.
И тука треба да застанеме за момент.
Да не чекаме следниот успех за повторно да се сетиме дека постои ракомет.
Да не се сетиме на кадетите само кога ќе победат Португалија.
Да не зборуваме за таленти само кога ќе облечат репрезентативен дрес.
Зашто ракометот оправдано е спорт број еден.
А неоправдано е маргинализиран таму каде што сè започнува.
Долу во базата.
Во основното училиште.
Таму каде што едно дете првпат ќе ја фати топката.
Таму каде што треба да има сала.
Нормална сала со димензии.
Термин во нормално време од денот (никако ноќта).
Тренер. Надграден.
Услови. Нормални.
И можност за секое момче и секое девојче да проба. Да го открие својот афинитет, да го надгради својот талент. Да го исполни својот потенцијал.
Не може спортови кои се на опашката во „Б“ дивизијата и ги нема на големите европски смотри да бидат заштитени и поддржувани до бескрај, додека ракометот, спорт кој со децении ја радува Македонија, да се бори за својот статус токму таму каде што треба да биде најсилен.
Во базата.
Не смее повеќе.
Ракометот мора посилно да се бори за својот статус.
За секое дете.
За секој термин.
За секоја сала со нормални димензии.
За секој тренер кој работи со најмладите.
За секој клуб кој создава играчи.
И за секоја следна генерација која треба да биде подобра од оваа.
Зашто денес славиме пласман меѓу најдобрите десет во Европа.
Утре ќе бараме уште повеќе.
Но, вистинската победа нема да биде следниот натпревар.
Вистинската победа ќе биде ако за десет години повторно имаме „малиот на Јуле“, ново Трајче Дрварчето, нов фудбалер од Куманово кој ќе избере ракомет...
И уште стотина деца кои ќе чукаат на вратата.
Затоа, без разлика како ќе заврши следниот натпревар:
битката за македонскиот ракомет се игра долу. Во базата.
И таа битка мора да ја добиеме.
П.С. Од среда, на отвореното во Струга стартува турнирот кој е ракометна институција, но и настанот кој „изеде“ дузина шамари, годините наназад.
Време е да се исправи ✊
#ЧитајРакомет
#ЗаМакедонЦкиотРакомет
#МакРакомет
#Македонија