14/09/2026
Нашиот клуб со одлични резултати го заврши настапот на Балканското првенство, каде што нашите натпреварувачи уште еднаш покажаа борбеност, квалитет и достојно го претставија клубот и Северна Македонија.
Најголемиот успех го постигна Данил Николиски, кој во категоријата U21 -56 kg Fighting се закити со златен медал и титула Балкански шампион. Особено сме горди што Данил, покрај тоа што е успешен натпреварувач, истовремено е и тренер во нашиот клуб.
Одличен настап имаше и Јован Шишков, кој го освои бронзениот медал, додека Никола Коцев и Матеј Нофитов го освоија силното 7. место, а Јован Николиски го заврши настапот на 9. место, прикажувајќи одлични и борбени настапи во своите категории.
Покрај натпреварувачките успеси, нашиот клуб имаше свој претставник и на судискиот семинар за стекнување нови лиценци, организиран од Европската Џиу Џицу Федерација. На семинарот учествуваше нашиот тренер Христијан Јованов, кој воедно ја делеше правдата и на ова Балканско првенство. По успешно исполнување на критериумите поставени од судиската комисија, тој се здоби со Континентална судиска лиценца, со што стана првиот судија од Македонската Џиу Џицу Федерација кој поседува ваква лиценца.
Уште една исклучително значајна вест е тоа што нашиот тренер Христијан Јованов, како претставник на Македонската Џиу Џицу Федерација, присуствуваше на годишното собрание на балканските федерации, во присуство на претседателите на Европската и Светската Џиу Џицу Федерација.
Една од главните теми на состанокот беше доделувањето на организацијата на Балканското првенство 2027, при што Северна Македонија ја доби честа да биде домаќин на следното Балканско првенство, кое ќе се одржи од 23 до 26 септември 2027 година.
Ова е голем успех и признание не само за нашиот клуб, туку и за македонското џиу џицу во целина. Продолжуваме со уште поголема мотивација, нови цели и желба за понатамошен развој и успеси на домашната и меѓународната сцена.