28/08/2026
Брегалница контра традицијата, по три бодови на Градска Плажа денес против Струга.
Фудбалерите на Брегалница во рамките на петтото коло од ПМФЛ, денес и гостуваат на Струга каде ќе се обидат да ги освојат првите бодови на гостински терен оваа сезона по воведните два порази на гостувањата кај Вардар и Шкендија.
Иако во минатото, постарите навивачи на клубот ќе се сетат стадионот Градска Плажа беше талисман за Брегалница, во натпреварите со струшки Караорман и последното коло од сезоната 1975/76 кога сините ја освоија третата титула во Републичката Македонска Лига и се пласираа во Втората Југословенска Лига, во поновата историја откако Струга е член на ПМФЛ, Брегалница нема забележано победа на гостувањата против овој клуб, а особено лоша е традицијата во меѓусебните натпревари, каде во вкупно 9 натпревари, Брегалница забележала 5 порази, 3 нерешени средби и само 1 победа.
Двата тима беа активни на трансфермаркетот и се со доста изменети ростери за разлика од ланските, па така Струга остана без најдобриот стрелец од минатото првенство Басиру Компаоре, повремениот репрезентативец Бојан Илиевски, одличниот Стефан Јевтовски од она што може да се издвои, но добија засилување на голманската позиција во името на талентираниот Андреј Јовчевски.
Сепак клучно за оваа екипа што и оваа сезона во средниот ред успеа да го задржи капитенот Буњамин Шабани кој во тандем со Бесмир Бојку е моторот на стружани.
Од таборот на Струга, во изјава за клупската веб страна дефанзивецот Љандрит Рама најавува победа и вели дека овој натпревар е можност за враќање на победничките патеки.
Што се однесува до штипските-сини ова лето како никогаш досега фреквентно на Партизанска ББ, па во последната недела Брегалница во своите редови успеа да донесе уште две засилувања, дефанзивецот Виктор Велкоски и нашиот Иван Николов, со што речиси го комплетира ростерот, па на скоро секоја позиција има по два играчи, што е одлично за клупската ротација и значи здрава конкуренција односно борба за место во тимот, но одличните игри на домашен терен, мора да се префрлат и на гостувањата, зошто без бодови од гостински терен, логично е дека нема да има и висок пласман на табелата.
Хендикеп за сините на овој натпревар ќе биде изостанокот на Давид Калпачки кој доживеа тешка повреда на предните вкрстени лигаменти на еден од последните тренинзи и тоа во моменти кога играше во одлична форма, па наше да му посакаме брзо закрепнување и комплетно рехабилитирање од повредата, веруваме дека ќе ја издржи оваа битка и ќе се врати посилен на зелените терени.
Во ростерот ќе недостасуваат Даријан Тасев и Лука Бојаџиев, кои ги завршија настапите со репрезентацијата на Македонија до 20 години на Медитеранските Игри во Таранто, но од понеделник ќе се приклучат на тренинзите.
Двата тима во сличен стил ја стартуваа сезоната за што говори и позицијата на табелата, каде Струга со 7 бодови се наоѓа на четвртата позиција, додека Брегалница со 6 бодови е петтопласирана.
Заклучокот е дека денес од 17 часот со пренос на Арена М1, покрај Градска Плажа не очекува еден интересен и изедначен натпревар, па останува да видиме дали Брегалница ќе успее да се врати со позитивен резултат од ова гостување.