12/09/2026
Комисија за едукација при Ловечкото друштв„ОРЕЛ"-Валандово
Почитувани ловци и пријатели, секако дека нема да ја заборавиме Грлицата ( Streptopelia turtur) и загрижувачката бројна состојба на истата, a во новата тема, ќе Ви ја преставиме Еребицата Каменјарка ( Alectoris graeca) во текст кој ќе го прилагодиме со сегменти од нејзината анатомија, но во услови како постојан жител во ловиштата каде право на користење на дивечот има нашето ловечко друштво „Орел" од Валандово.
Па ајде да започнеме и да се надеваме дека и овој пат ќе ги исполниме Вашите очекувања:
ТЕМА бр.22 : ЕРЕБИЦАТА КАМЕЊАРКА – Alectoris graeca- постојан жител на нашите ловишта
1. Краток историјат на „нашите ловишта"
Ловечкото друштво „Орел„ –Валандово, има право на користење на дивечот во три ловишта со вкупна површина од 22.285 ха, од кои вкупнo ловни површини се 20.895 ха, а 18.183 ха, се ловно продуктивни површини. Местоположбата на ловиштата, нивните геолошки, педолошки и останати еколошки услови, како и големата висинска разлика од околу 1.200 м, придонеле во нив да се формираат поголем број на шумски заедници од кои најзастепени се : шумската заедница од даб благун и бел габер, шумските заедници од даб горун и шумските заедници од подгорска бука.
Во ловиштата постои доволно прехрамбен потенцијал, со просечни врнежи кои се движат од околу 660 мм на 100 м.н.в до 1080 мм на 1.200 м.н.в. но за жал врнежите се многу нерамномерно распоредени во текот на годината. Средната годишна температура е околу 16,1 степен целзиусов со апсолутно постигнат максимум од 44,5 степени и апсолутен минимум од -12,5 степени целзиусови.
Ловиштата се од отворен тип, уредени со задолжителната работна активност на активните членови со потребните ловно-технички објекти (чеки,набљудувачници,хранилишта, солишта, поила,ловни сместувачки објекти, стрелиште за летечки мети и сл.) и нивната основна намена е претежно стопанска, односно територија на која ќе се врши одгледување, заштита и ловење на дивеч.
Ловиштата „Пирава” и „Чештово”, според главните природни карактеристики на биотопот, се погодни за одгледување и заштита на ситниот дивеч. Додека ловиштето „Башибос” е наменето за одгледување,заштита и застрел пред се на крупен дивеч и во него главни стопански видови се, дивата свиња и срната. Бидејќи и во ловиштата „Пирава" и „Чештово" во последниве години се забележува поголемо присуство да крупен дивеч, а за да се контролира неговата бројна состојба и ловците да можат законски да го ловат, благовремено Ловечкото друштво во соработка со Државниот инспекторат за ловство како и МЗШВ, ги направи потребните измени и дополнувања (Анекси) кон Посебните ловностопански основи, со што се утврди точниот број на грла кои може да се застрелат во текот на сезоната за лов и во овие ловишта.
Веруваме дека преокупираноста на нашите колеги ловци со лов на диви свињи е само една од причините на одржување на стабилни популации на оваа прекрасна птица - Еребицата камењарка.
2. Alectoris graeca- Еребица камењарка
Овој вид во многу се одвојува и им дава посебна убавина на овие ловишта.
Камењарката има на растолагање ловна површина од вкупно 10.022 ха, во двете ловишта, а вкупната ловнопродуктивна површина каде овој вид има нормални услови за опстанок и развој изнасува 2.500 ха.
Прекрасно е доживувањето кога ловците наутро полека и нечујно се движат по патеките на овие ловишта, од дремливоста неочекувано да ги разбуди и исплаши ненадејниот лет на оваа убава птица. Оружјето не е подготвено, а во дневната дозвола пишува дека денес е дозволен лов само на дива свиња. И што ни преостанува, да застанеме за миг, од нашите гради да излета воздишка на изненадување и едвај чујно да изустиме „каква убавина”, душата ни е полна погледот пресреќен.
Еребицата Камењарка е далеку најубавата дива кокошка која живее во „нашите” ловишта. Kолегите ловци знаат дека овој мошне редок вид птица ги разубавува терените на „нашите” планини: Погана ,Плавуш и Беласица. Камењарката е редок и заштитен со ловостој вид на дивеч. Ние во „нашите ловишта” (мислиме на ловиштата во кои Ловечкото друштво „Орел” од Валандово го има правото на користење на дивечот), ја имаме привилегијата да го делиме животниот простор со овој уникатен вид птица.
Еребицата камењарка, е распространета на целиот Балкански полуостров. Таа е немиграторен вид и населува претежно суви, отворени и ридести терени, токму какви што се терените во овие ловишта.
Камењарката има тркалезна форма на телото, со релативно куси и заоблени крилја. Бојата на горниот дел од главата, грбот и градите е голубаво-сива, со кафеникав одблесок. Лицето под очите, грлото и подбрадокот се белузливи. Омеѓени се со црн „ѓердан” (крагна), која започнува од горната страна на коренот на клунот, минува преку очите и завршува со заоблен врв под вратот. Околу ушите имаат црни перца. Стомакот е со посветло кафеаво-кремаста боја, а слабинскиот дел под крилјата од двете страни има изразени напречени црни и бели пруги, прошарени со сивосини и кафеаво-црвени делови. Необраснатиот „прстен” околу очите (ружа), поизразен кај мажјаците во периодот на репродукција, има црвена боја. Клунот и нозете се корално-црвени, потемни кај возрасните примероци. На задниот дел од писката, мажјаците имаат тап израсток во вид на брадавица. Должината на телото изнесува обично од 32 до 39 см, распонот на крилјата од 45 до 55 см, а масата нателото од 450 до 650 гр, кај машките, ( на планината Беласица во граничниот појас со Република Грција, каде постои природно погоден хабитат, со сите потребни природни предуслови, голем број од машките примероци достигнуваат и до 800-900гр). Женските примероци достигнуваат маса на телото од 400 до 500 (650)грама. Ете, токму таква е еребицата каменјарка на овие терени.
Можеме да кажеме дека се работи за автохтон вид со сите типични карактеристики за Alectoris graeca graeca, и повеќе од тоа. Лично сметам дека овој вид камењарка на овие простори заслужува поголемо внимание и детално проучување од страна на науката. Ако го направиме ова, нема да изгубиме ништо а можеме да добиеме многу. Ве уверувам дека ова е најубавиот и најпосебниот вид на еребица каменјарка на овие Балкански простори. Предизвик зарем нe.
По долг период на стагнација и опаѓање на бројната состојба на каменјарката , пред се поради деградацијата на живеалиштата, предизвикана со зараснување и зашумување на нејзините типични места на живеење, како последица на напуштање на екстензивното сточарење и намалувањето на бројот на ситната домашна стока (овци и кози), кои, со начинот на исхрана (брст и испаша) и ги одржуваа хабитатите и овозможуваа поволни услови за нејзин опстанок , во поново време, благодарение на поволни природни околности (зголемување на бројот на стока која напасува, намалениот застрел и др.) во последните десетина години бројката е во постојан пораст. Во ловиштето ,,Чештово” (Погана) , нашите податоци покажуваат дека денес , каменјарката пополнува речиси 70% од капацитетот на оваа ловиште. Во ловиштето ,,Пирава” (Плавуш) , очекуваме пополнетост од 80% од капацитетот на ловиштето. Во ловиштето ,,Башибос” (Беласица) , кое е ловиште пред се за крупен дивеч исто така камењарката на наше задоволство ја има во поголем број. Овие податоци за обичниот читател можеби не значат многу но ние ловците многу добро знаеме колкаво е тоа богатство.
3. Ловечкото друштво „Орел" за кемењарката (деловна стратегија)
Ловечкото друштво „Орел”-Валандово, има своја традиција и воспоставени принципи на раководење. Во овој дел, влегуваат членови ловци, со богато ловно искуство, кои имаат што да остават во истото. Помладите се составен дел во органите на управување и имаат своја цел да учат и со тоа да ја продолжат традицијата.
При изработка на Годишните планови за спроведување на посебната ловностопанска основа, посебно се води грижа за правилно утврдување на бројната состојба на овој вид дивеч во ловиштата и врз основа на утврдената нормална бројна состојба на дивечот во ловиштата ( матичен фонд, годишен прираст, и капацитат) се утврдува и нормалниот годишен застрел.
Притоа преовладува принципот на намален застрел се со цел да се одржува нормална бројна состојба, со што застрелот никогаш повеќе нема да биде една од причините за евентуално намалување или исчезнување на овој вид од „нашите" ловишта.
4. Еден вистински настан и пример како се постапува исправно во ловството
Како Ваш едукатор и колега, имав посебна прилика, преку катедрата за ловство на Факултетот за Шумарски науки, пејсажна архитектура и екоинжинеринг „Ханс Ем" во Скопје, да го пречекам и да му организирам мониторинг-посматрање на Професор д-р Ренато, токму на Alectoris graeca graeca на нашите терени. Тој престојуваше кај нас повеќе денови и тоа што мене ме фасцинира, не беше неговото научно познавање на камењарката, кое се подразбира, туку неговата подготовка и познавање на животот на нашата еребица камењарка многу повеќе од самите нас. Тој, во својот концепт за работа точно имаше поцртано и кои терени сака да ги посетиме и тука да ја посматра. Прв пат видов како изгледа личност кој го сака дивечот и кој целата своја кариера ја посветил на дивечот и би рекол дека целиот свој живот го посветил на дивечот. Професорот кој инаку држи катедра по ловство на Факултетот во Рим, беше воодушевен од тоа што го виде. Тогаш за прв пат во мојот живот видов колку малку знам (а се сметав за добар познавач на дивечот) се засрамив и си ветив дека многу повеќе ќе се посветам на ловството и постојано ќе учам.
На заедничка жалост, моравме да отстрeлaме еден, по можност машки примерок еребица камењарка за научно третирање во неговата лабораторија во Рим ( тој ден тој носеше со себе и мал ладилник во кој имаше намера да го транспортира примерокот без истиот да се оштети). За негова среќа застрелавме токму машка птица. Камо да напревев видео снимка за да видете почитувани ловци како професорот ја галеше и бакнување камењарката, колку е убава, фантастична, каква убавина (che belo... fantastiko... che bellezza)... само да ја видевте таа радост на неговото лице, тој израз полн со емоции и понекоја солза, солза која ја разбрав како солза радосница и уверување дека оригиналниот Meisner постои и живее токму тука на падините на планината Плавуш.
Подоцна професорот ми објасни дека се работи за Еребици камењарки кои кај нас во Македонија а посебно во овој дел ја имат зачувана автентичноста и дека за него тоа се најдобрите примероци во Европа, вистински Alectoris graeca graeca Meisner (по научникот кој ја открил и прв ја опишал) и дека сака токму нив да ги проучи. Подоцна по завршувањето на неговата студија професорот ми прати примерок од неговото дело.
Еве почитувани пријатели ова е една вистинска сторија за Еребицата камењарка на нашите терени, која сакам да Ви ја пренесам а со тоа да Ви ги пренесам и моите чувства и видување кон ловот и ловството се со цел и кај Вас да го потикнам чувството дека ловството е наука и дека треба да уживаме во ловот, да се чувствуваме горди што сме ловци и посебно членови во Ловечкото друштво „Орел" од Валандово, да го чуваме истото и да ја прославуваме заедно традицијата која трае 80 години. Здрави и живи догодина.
***** Да останеме со добро здравје и СО ДОБАР ПОГЛЕД****
***** Да ги сакаме, чуваме и одгледуваме природата и дивите животни*****