14/03/2026
СО ГОЛЕМА ЖАЛОСТ И ТАГА: АК „БОРЕЦ“ ЈА ЗАВРШУВА СВОЈАТА МИСИЈА
Почитувани граѓани, колеги тркачи и спортски пријатели,
И покрај сите натчовечки напори, по три поднесени барања до Општина Велес и три официјални состаноци, должен сум да ве известам дека меѓународната атлетска трка „ТРЧАМЕ ЗА РАЦИН“ и Детската трка, кои станаа симбол на нашиот град, оваа година нема да се одржат во организација на АК „БОРЕЦ“ – Велес.
По четири години беспрекорна работа, во кои брендот, идејата и концептот ги градевме со макотрпен труд и огромен професионализам, добивме лично одбивање од Градоначалникот. Причините за одбивањето беа површни, полни со неосновани обвинувања и објаснувања кои не држат место, додека вистинските мотиви — нам добро познати — остануваат скриени зад административни парадокси.
Најголемиот парадокс е што Градоначалникот сам се демантира.
Како активен атлетичар, повеќе пати наградуван од Сојузот на спортови на Велес, двократен добитник на 9-то ноемвриската награда и организатор на трка која двапати беше прогласена за најдобра и најмасовна — на состанокот „во четири очи“ се соочив со зборови кои се спротивни на секоја спортска етика. Заканите и притисокот под кои бев и сè уште сум, се демантирани од нивниот сопствен официјален допис (кој го објавувам во прилог), каде нè фалат за успешната работа, а потоа со една реченица не отфрлаат. Оценете сами кој е во право.
Иако имаме легитимно право да ја бараме правдата низ институциите, решивме да не го правиме тоа. Оставаме на оние „два-три матни ликови“ околу Градоначалникот, кои конечно успеаја во својата намера да го узурпираат нашиот труд, да ја покажат својата „способност“.
Важно известување до тркачката заедница:
Градот Велес за жал престанува да биде дел од тркачката мапа на Македонија. Трката „Трчаме за Рацин“ е легитимна сопственост на АК „БОРЕЦ“ – Велес и како таква е пријавена во Македонската тркачка лига и Атлетската федерација на Македонија. Ги известувам сите мои колеги организатори од 16-те атлетски клубови: не дозволувајте да ве доведат во заблуда. Секоја друга трка под ова име организирана од друг субјект ќе биде нелегитимна, нема да се бодува и нема да биде дел од официјалниот календар.
Се надеваме на ваша солидарност! Дајте им „црвен картон“ на луѓето кои немаат допир со спортот и атлетиката, а се обидуваат да ги преземат туѓите плодови за да задоволат нечии суети.
Градот Велес изгуби многу — изгуби професионална атлетика, изгуби 16 спортски организации кои продефилираа низ нашите улици. Велес веќе не е на атлетската мапа поради едни суети и големи ега во Општината.
За крај, верувам дека нашите долгогодишни соработници и поддржувачи нема да ни забијат „нож во грб“ и нема да прифатат да бидат дел од ова преземање на нашиот труд изграден со љубов, ентузијазам и жртва.
Во прилог ви го доставувам решението од Општината добиено пред десетина дена. Прочитајте како нè фалат, а потоа нè исфрлаат. Тоа е ликот и делото на локалната моќ.
Ве замолувам за поддршка со споделување на овој пост — вистината мора да стигне до сите.
Со почит и спортски поздрав,