10/09/2026
♟️ ЗАВРШИ УШТЕ ЕДНО ИЗДАНИЕ НА „ЕЗЕРСКА КРАЛИЦА“ – RISING STARS 2026 👑
Заврши овогодинешното издание на Меѓународниот младински шаховски фестивал „Езерска Кралица 2026“, кое оваа година го доби името RISING STARS.
Име кое, од оваа година па натаму, ќе го носи секое наредно септемвриско издание на овој стандарден формат на фестивалот.
Името RISING STARS не е резултат на бројката која оваа година ја достигна фестивалот. Тоа е искрено признание за нашата седумгодишна работа, раст и развој на „Езерска Кралица“.
Инспирација за ова име ми даде еден мој пријател, шаховски тренер од соседството, кој во разговор за фестивалот ми рече:
„Турнирите на Езерска Кралица претставуваат отскочна даска за сите млади шахисти. Мора да го поминат овој турнир.“
Мислам дека токму оваа реченица најдобро го опишува она што сакаме да биде „Езерска Кралица“.
⭐ МЕЃУ 100 ИГРАЧИ – НОВ РЕКОРД
Оваа година ја надминавме бројката од 100 регистрирани млади шахисти, што претставува рекорд во однос на досегашните стандарден формат турнири на фестивалот.
За волја на вистината, на рапид турнирите на „Езерска Кралица“ рекордот беше до околу 120 учесници. Но, на стандардните турнири никогаш досега не сме имале ваква бројка на пријавени играчи.
А кога ќе се сетам дека во 2019 година започнавме скромно, со околу 55 играчи, а седум години подоцна бројката практично ја дуплиравме – чувството е навистина посебно.
Но, бројката сама по себе не е најважната работа.
Најважно е што зад таа бројка стојат деца, родители, тренери, клубови, федерации и пријатели од различни земји, кои од година во година се враќаат во Струга.
❤️ КОГА СÈ Е КАЖАНО БЕЗ ЗБОРОВИ
Кога го подготвував воведниот говор за отворањето на фестивалот, се мислев дали воопшто да пишувам говор и едноставно да го прочитам пред присутните.
Но, кога влегов во салата и погледнав околу себе, сфатив дека сè веќе беше кажано.
Шаховските табли, децата, родителите, знамињата, декорацијата, фотографиите, атмосферата...
СЕ БЕШЕ КАЖАНО.
И токму тоа е нешто на кое особено се гордеам.
🏆 НЕ САМО ТУРНИР – ТУКУ БРЕНД И АТМОСФЕРА
Се гордеам што создадовме младински шаховски бренд кој расте, се развива и постојано се унапредува.
Нашата цел никогаш не била само да се наместат масите и фигурите и да започне турнирот.
Сакаме да се почувствува атмосферата.
Сакаме секое дете кога ќе влезе во салата да почувствува дека е дел од нешто големо.
Декорацијата на турнирите на „Езерска Кралица“ веќе стана наш заштитен знак.
Многу родители и играчи по завршувањето на фестивалот ни кажуваат дека се импресионирани од начинот на кој е уредена салата и од чувството дека децата играат на некое од големите европски младински првенства.
И тоа ни значи многу.
✨ НОВИ СТАНДАРДИ – НОВИ „ПРОДУКТИ“
Оваа година во колекцијата на „Езерска Кралица“ додадовме уште три нови елементи:
📸 Шаховската фото-рамка
🪪 Идентификациските беџови за играчите
🏳️ Големата банерска конструкција
Тие нема да бидат само дел од ова издание. Тие стануваат дел од идентитетот на сите наредни изданија на фестивалот.
Дали има простор за уште вакви новитети?
Секако дека има.
Но, дел од нив ќе ги оставиме за следната година. 😉
Сакаме секоја година да воведеме нешто ново и со тоа да поставуваме нови стандарди во организацијата на младинските шаховски турнири.
♟️ ДАЛИ ОВА БЕШЕ ВРВОТ НА „ЕЗЕРСКА КРАЛИЦА“?
Секако дека не.
Во еден разговор со мој пријател, шаховски тренер од Скопје, дискутиравме за иднината на фестивалот и му кажав дека за мене „Езерска Кралица“ не е комплетна без уште најмалку два елитни турнири:
🏆 Lake Queen Challengers
🏆 Lake Queen Battle of Champions
Оваа година не успеавме да го реализираме планираното издание на Battle of Champions, но идејата останува.
Затоа што RISING STARS не е крајот. RISING STARS е следното поглавје.
🙏 ГОЛЕМА БЛАГОДАРНОСТ
Голема благодарност до целиот мој тим кој неуморно работеше на овогодинешното издание.
До сите спонзори и поддржувачи кои помогнаа „Езерска Кралица“ повторно да блесне.
До родителите и играчите.
До сите надворешни волонтери и советници.
До моите пријатели и другари кои со години ми даваат поддршка, идеи и мотивација.
И, секако, до моето семејство, кое ми е најголемата поддршка и инспирација.
Без сите вас, ова немаше да биде исто.
📸 А ОВА НЕ Е КРАЈОТ...
Во наредните денови ќе споделиме дел од атмосферата преку повеќе од 500 професионални фотографии, како и преку специјалното видео изработено за фестивалот.
Оставивме трага.
Создадовме традиција.
И продолжуваме да растеме.
„Езерска Кралица“ – RISING STARS. ⭐
Бидете здрави и живи.
Се гледаме повторно наредната година – во септември, во Струга.
♟️👑 LAKE QUEEN – RISING STARS
The next generation. The next champions.
International Youth Chess Tournament "Lake Queen"
Youth Chess School Struga